Mediantrop

object349757056

Mediantrop broj 13

Биљана Тануровска Ќулавковски и Соња Здравкова Џепароска: ЕДНА ИСТОРИСКА КОНСТРУКЦИЈАЗА РАЗВОЈ НА СОВРЕМЕНАТА ТАНЦОВА СЦЕНА ВО МАКЕДОНИЈА - ДЕЛ 2

Историски факт(и) 3: Едукација и нејзини влијанија на развој на сцената

Биљана Тануровска Ќулавковски и Соња Здравкова ЏепароскаБиљана Тануровска Ќулавковски и Соња Здравкова ЏепароскаБиљана Тануровска-Ќулавковски: За Локомотива, фестивалската логика е поинаква од онаа препознаената во Македонија. Како дел од „ЛокоМоушн“, Локомотива не се стреми да репрезентира, туку да понуди простор за соработка помеѓу професионалците и публиката. Овој простор е простор за еманципација и едукација. Едукацијата е еден од важните сегменти, или следната точка во мапирањето. Локомотива со цел да ја надополни празнината и недостатокот на образовни програми во Македонија, континуирано организира работилници од 2003 до 2007 година, на кои гостуваат предавачи од регионот и Европа. Овие работилници ги прави во соработка со ДМБУЦ, но ги отвара и за оние кои се заинтересирани да работат во полето, а не се или не биле ученици во средното училиште.

Професионалната едукација вон рамките на македонските институции Локомотива ја продолжува преку проектот НОМАД Танц Академија[1]. Истата претставува регионална платформа која во почетокот на своето создавање беше насочена кон едукација за оние кои сакаат да работат и креираат во полето на современ танц и кореографија.

Кире Миладиноски, Sit, talk and dring, продукција Номад Танц АкадемијаКире Миладиноски, Sit, talk and dring, продукција Номад Танц АкадемијаНОМАД Танц Академијата во рамки на својот едукативен програм, како и резиденциите кои ги овозможи преку своите партнери, успеа да ги вклучи Кире Миладиноски, Кире Ѓорески, Климент Попоски, Викторија Илијоска, Александар Георгиев и Драгана Заревска, млади уметници кои создаваат во полето на современиот танц, кореографијата и перформансот.

Дали воопшто овие генерации ги засегаат фактите кои ги набројуваме е прашање на кое треба да се одговори. Можеби нивната историја е поинаква од онаа која ја исцртуваме овде во овој текст, а тие се оние кои денес ја создаваат современата танцова сцена.

Условите во јавното образование во Македонија значајно се променија во изминатите години. Во 2010 година се отвори Катедра за балетска педагогија со оддели за современ танц и класичен балет на државниот Факултет за музичка уметност во Скопје во рамки на државниот универзитет „Св. Кирил и Методиј“ и Катедрата за современ танц (Skopje Dance Academy) на Факултетот за применета музика во рамките на приватниот Универзитет за Аудиовизуелни Уметности - Европска Филмска Академија ЕСРА Париз-Скопје-Њујорк.

Во периодот кога не постоеја можности за високообразовна надградба, многу од кадрите вработени во МОБ заминуваа на дооедукација во источноевропските образовни центри, а еден помал дел во западноевропските образовни центри. Кореографскиот кадар, надвор од кадарот на МОБ, главно се дооедуцира во западноевропските академии и центри или на интернационалните образовни платформи (Лабан Центар, Rotterdam Dance Academy, Salzburg Experimental Academy of Dance 2004, Австрија, Nomad Dance Academy, Dance web), а голем дел од овој кадар денес не работи во Македонија со што трансферот на знаење и придонес на локалната сцена е оневозможен.

Но, она што е значајно или што би сакала да го споменам е дека искуствата и знаењето од независната сцена денес почнуваат да се институционализираат преку одделот за современ танц и класичен балет на државниот Факултет за музичка уметност во Скопје во рамки на државниот универзитет „Св. Кирил и Методиј“, што за мене е позитивен тренд. Искра Шукарова која своето делување во современиот танц го формулираше во граѓанскиот сектор и независната сцена, стекнувајќи ги искуствата и знаењата преку бројните интернационални проекти и соработки, во моментов, ги пренесува на студентите во рамки на одделот за современ танц (при државниот Факултет за музичка уметност во Скопје во рамки на државниот универзитет „Св. Кирил и Методиј“ ) каде таа е професор. Овој факултет беше отворен за соработка со независниот сектор и се остварија неколку интернационални работилници на студентите преку програмите на Локомотива.

Соња Здравкова-Џепароска: Мошне се значајни првите обиди за доедукација во делот на современиот танц, особено промовирани преку програмата на НОМАД Танц Академијата. Тоа беше еден чекор до отварање на високообразовните институции во рамки на државниот систем на Република Македонија. Новите програми на Катедрата за Балетска педагогија при ФМУ во рамки на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, конкретно програмата за современ танц, треба во најкус рок да ги даде своите резултати и сериозно да влијае врз моделирање на профилот на идната современа танцова продукција.

Маријана Савовска, VILLAGERМаријана Савовска, VILLAGERНеодминлив е фактот кој би требало да се спомене во делот на образованието, евидентен е сериозниот одлив на претставници од помладата генерација[2]. Речиси сите македонски студените кои беа дел од универзитетските програми по модерен и современ танц[3] во земјите на Западна Европа, како Игор Киров, Елизабета Гриовска, Маријана Савовска, останаа да делуваат надовор од границите на Македонија, со повремено ангажирање во матичната земја[4]. Се поставува прашањето дали земјата прави напор да го врати инвестираното (државата делумно преку различни стипендии учествуваше во едукацијата на овие млади луѓе) и да добие некаков бенефит од сопствената инвестиција, со тоа истовремено да го унапреди процесот на создавање на алтернативната односно независната сцена. Од друга страна, (освен споменатите независни културни центри, Локомотива и Интерарт, кои суштински прават напори за вмрежување, конекција на домашната сцена со европските танцови сцени) од луѓето кои делуваат надвор од Македонијa, барем засега, не е пројавена иницијатива за некаков проект за соработка, поврзување или размена со средините каде тие делуваат. Единствено, Александра Кочовска е дел од домашната танцова сцена, но со редовен професионален ангажман во ДМБУЦ „Илија Николовски - Луј“, што ги пренасочува нејзините приоритети на делување и ù остава се помалку простор за сопствена кореографска афирмација.

Искра Шукарова и Дејан Срхој, FORMULAИскра Шукарова и Дејан Срхој, FORMULA

Историски факт(и) 4: Продукција

Биљана Тануровска-Ќулавковски: Современата кореографија и танцова продукција (независна сцена и институции) воМакедонија ретко се продуцира во изминатите години. Во рамки на „ЛокоМоушн“ секоја година се претставуваат нови продукции од македонски автори со цел да се поддржи нивното истражување во полето на танцот и кореографијата, а некои од тие продукции се презентираа и интернационално[5]. Овие автори се самостојни и нивните дела зборуваат за одреден контекст во кој се создаваат, ја отсликуваат состојбата и условите во која телата се формираат, контекстот во кој живеат, условите и продукциските процеси во кои создаваат, говорат, или не. Некои од авторите имаа можност да развијат и интернационални проекти, соработки чиј продукциски процес се одвиваше/одвива како дел од работилници, резиденции и други работни процеси својствени за современиот танц.

Во рамки на Балетот, исто така, во изминатите години се поддржуваше продукција на нови дела на кадарот, па така се афирмираат кореографските имиња како Саша Ефтимова и Олга Панго, чиј кореографски јазик е исполнет со репрезентација на бестежинското, виртуозното, невиното, безгрешното, стандардното, посакуваното тело кое танцува, кое сè уште изгледа безвременски и не ја носи суровоста на современието во кое твори.

Но, и покрај создавањето на одредена критичка маса на луѓе и формулирање на нов простор за креирање – независната сцена, се чини дека не се влијаеше врз посериозен развој и оформување на независна сцена за современ танц во Македонија. Државна политика сè уште не постои, поддршката во полето на продукција е незначајна и се движи околу 500 евра по проект, но, секако постојат и исклучоци. Младите генерации свесно согледуваат дека бројните децениски напори на нивните постари колеги да ги променат условите во полето во кое делуваат не носи значаен позитивен исход, и заради тоа повеќето кои ги набројав претходно се одлучуваат своето делување да го насочат надвор од земјата каде условите за работа се на завидно ниво.

Локомоушн – фестивал за современ танц и перформансЛокомоушн – фестивал за современ танц и перформанс

Соња Здравкова-Џепароска: Танцовата продукција флуктурира помеѓу нормите на една пeтрифицирана матрица на телесно-естески формати диктирани од класичниот танцов стил и иновативните истражувања на поединци. Репертоaрот во делот на модерениот танц во МОБ има декларативна ориентација кон танцовата содржина и развојот на техничките перформанси на изведбата. Тоа е сосем суверено и потребно во една плурална и отворена сцена (тезата за Умберто Еко за отворено дело може да се аплицира пошироко врз самата сцена на делување каде очекуваме да пронајдеме дела кои се отворени за толкување и припаѓаат на различен естетско-поетски дискурс). Овој вид на претстави пронаоѓаат своја публика но и позиционираност во пошироки рамки[6].

Од друга страна, независната сцена (повторно забелешката главно се однесува на двата веќе споменати центри) во сопствените програми има дел предвиден за креирање на претстави. Тие како правило се експериментални, иновативни, истражувачки. Овие дела се многу често копродукциски работени[7], што повторно ја потврдува тезата за отвореност, проток и приопштување кон новите текови и преку овој вид на активности. Копродукциите се исклучително корисни барем во овој временски период поради можноста за директно следење на процесот на креирање, можноста за размена на искуства помеѓу кореографите, но и изведувачите, можност за презентација на претставите во различни средини, како и воспоставување на врски и линкови.

Прегледот за продукцијата ќе го завршам со еден цитат од Лиотар кој вели дека треба да и се објави „војна на целината, да укажеме на непредочивото, да ги активираме разликите“ (Lyotard, 1990:31)[8]. Единствено сцена која е плурална и различна во сите погледи - стил, формат, идеја, концепт, медиум, жанр, може да одговори на потребите на новото општество и едновремено да покаже квалитет на агилност, живост, полнокравност, трансформативност, жилавост и курентност.

Историски факт(и) 5: Продукција во вонинституционалниот простор

Биљана Тануровска-Ќулавковски: Продукциите на независната современа танцова сцена се карактеризираат со индивидуален авторски пристап, печат и хетерогеност, а тоа не сум сосема сигурна дека е печатот на она што ти го нарекуваш независна современа танцова сцена. Ти пробуваш да воспоставиш паралела помеѓу работата на два центри, организации за кои како дел од граѓанскиот сектор јас сметам дека, не нужно, но може обете да се карактеризираат како дел од независната современа танцова, а подоцна ќе пробам да објаснам зошто. Овие две организации се целосно различни во начинот на работа и во пристапот. Она што ги прави различни се, пред сè, работните процеси кои едната и другата организација ги промовираат. Локомотива ги вклучува младите автори, работи интернационално, дел е од соработки кои вклучуваат размена и не фаворизираат еден кореографски израз, туку напротив, процесите на работа имаат за цел да ја поддржат хетерогеноста во кореографскиот пристап и естетиката. Додека, сметам дека Интерарт ги прати процесите кои содржат репрезентација а и промоција на одреден кореографски израз, оној на кореографот кој ја води организацијата, повеќе во линија на модерните компании кои се воспоставуваа во Европа во 80-тите, а кај нас досега не. Затоа сметам дека не може да се зборува во иста линија за овие две организации, туку мора да се мапира учеството и улогата, како и влогот во развој на она што го нарекуваме сцена, независна и/или друга, други...

Сметам дека оваа дистинкција е важна за да се разбере постоењето на сцената, на тоа како таа функционира и што содржи, односно дури и каков развој диктира. Како дел од Локомотива, сметам дека мора да постои отвореност и понуда на нови и поинакви продукциски процеси. Процеси какви што се единствено возможни во време на социо-политичка и економска криза каде што нашата заложба не е само да укажеме, туку и да формулираме нови начини на работа, соработка, гледање на полето на кореографијата и да промовираме нова и поинаква улога на современиот танц денес наспроти онаа репрезентативната, која сметаме дека во Македонија доминантно се промовира преку институциите, но и преку Интерарт како дел од јавниот сектор.

Ова го зборувам да нагласам дека е важно да се детектираат разликите, и поинаквите продукциски пракси и логики, бидејќи тие влијаат на профилирање на она кое го нарекуваме современа танцова сцена во Македонија.

Соња Здравкова-Џепароска: Апсолутно и комплетно се согласувам со тебе, иако мислам дека имаме различен приод во толкувањето на одредени прашања, односно различен агол на проследување на истите. Интерарт како независен центар не можам да го вбројам во сегментот институционални организации, иако нејзиниот креатор упорно и постојано се стреми кон ова, трансформација на центарот и негово подведување под државна капа во делот на финансирањето, структурирањето и лоцирањето (можеби како дел од некоја национална сцена). Но засега тој останува во онаа линија на организации од граѓанскиот сектор.

Секако дека според изборот и дефинирањето на програмските рамки (Локомотива пред сè има за цел севкупно, суштинско и длабинско менување на состојбите при тоа почнувајќи од едукација, продукција, размена и соработка на креативен и научен план, итн.)се драстично поинакви, но тоа повторно е наметнато од идејниот концепт на дадената организација и правците на делување. Во овој случај, независно дали се работи за индивидуален, автореференцијален принцип на работа или тимско осмислување и делување, евидентно е дека двата центри не негуваат ист тип на танцова естетика, но се дел од ист простор на делување - граѓански, вонинституционален, невладин, итн. Локомотива и луѓето кои гравитираат околу овој центар се фокусирани на современиот танц, за разлика од Интерарт каде и во однос на фестивалската програма (како што веќе истакнав во делот каде говоревме за граѓанскиот сектор) на Танцфест и во однос на претставите на неговиот раководител, се забележува нестандардизиран, лабилен критериум и правец на движење. Но тоа се однесува на полето на делување и изборот на поставени цели и приоритети, а не на алатките и формите кои се користат при тоа (копродукции, реализација на фестивалски програми, едукативни програми). Конечно, делувањето во граѓанскиот, вонинституционален танцов сектор не значи нужно занимавање со современ танц. А тоа значи дека и двете констатираме иста состојба, но коментираме различни нивоа.

Историски факт(и) 6: Државна политика - насока или рестрикција?

Биљана Тануровска-Ќулавковски: За да лоцираме како и што се прави за современиот танц во Македонија, сметам дека треба да поразговараме и за државната културна политика, и тоа, дали таа е развојна или рестриктивна.

Во 1998 година, за прв пат после осамостојувањето на Македонија се повлекуваат првите линии на развој на културата преку Законот за култура. Со овој закон, рамката на одлучување и финансирање на културните активности е формулирана. Исто така, овде се вклучени принципи и активности како слобода на креирање, воведување на граѓанскиот концепт во културата, еднаков третман на приватните и јавните ентитети во полето на културата, воведување на децентрализиран систем на култура, итн. До 2003 само неколку од темите опфатени со овој закон се променети. Реалноста е дека нема(ше) никаков план за развој на културата и културната политика. Овој закон претрпува амандмански промени, односно е надополнет во 2003, 2005, 2007, 2010 и 2011 година.

Министерството за култура, според уставната и законската рамка на Р. Македонија и стратешките определби на Македонија во областа на културата, е идентификувано како главен актер со кои сите останати актери на културната сцена, треба да соработуваат во развојот на културните содржини и политики. Оттаму, Министерството за култура и независната изведувачка сцена треба да воспостават еден двонасочен (заемен) однос на соработка со цел рамномерен и плански развој и креирање на културни политики во оваа област.

Но, тоа не е случај досега. Политиката во културната сфера (или поточно во полето на современата култура и уметност) и изведувачките уметности сè уште е ад-хок и без промени и нетранспарентна во селекционите постапки при избор на проекти за финансирање.

Оваа ад-хок политика овие денови се потврди. Се случи потпишување на долгорочна соработка на Министерството за култура со Интерарт, центар за современа уметност, за што Министерството вели дека е поддршка за развој на современата танцова сцена.[9] Но, според мене тоа е поддршка на едностран пристап во создавање на современ танц, што е спротивно на самата функција на современиот танц како и стратегиските заложби во културата за подржување на разноликост во уметничкиот израз. Според оваа активност на Министерството за култура може само да се заклучи дека во држава која прокламира дека води демократска политика, механизмите на демократијата не функционираат. Партиципативноста во креирање на културна политика е занемарена методологија и политиката се донесува централистички, со „амин“ на врвот, односно министерот. За жал, и во овој случај таа политика е погубна, ја релативизира улогата на сите други актери на сцената, акцентира водство на еден центар, легитимира вкус и естетика, и на таков начин формира имплицитна политика, наместо да гради експлицитна која ќе се однесува на целата современата танцова сцена.[10]

Во овој момент, се наговестуваат одредени промени во политиката за современ танц кои се воведуваат во Стратегијата за култура 2012-2017 која моментално е на јавна расправа. Таму современиот танц се споменува во неколку наврати и тоа во рамки на „поттикнување на проекти (кореографија, литература за современ танц, списание, фестивали, гостувања и сл.), ансамбли и институции од областа на современата танцова уметност, култура и образование; стимулирање на новите мултимедијални уметнички практики отворени спрема различните медиуми какви што се музичко-сценските уметности, танцот, како и во дел на поддршка на креативните индустрии и застапеност на танцот во образованието“. Во акциониот план како цел се наведува етаблирање на современиот танц, а како индикатори за тоа се наведени развојот на современиот кореографски и танцов стил на македонските уметници, вработување на млади кадри од полето на современиот танц и развојот на современата сцена. А, за носители на овие активности ги наведуваат: „Министерство за култура, Македонска опера и балет и специјализираните институции за современ танц во РМ (Академија за современ танц и сл.)“.

Овде може да се согледа една општа рамка каде многу од вистинските потреби не се дефинирани.[11] Вака креираната политика „одозгора – надолу“ повторно ќе допринесе за вештачка и имплицитна политика, и ќе создаде услови само за една - институционална сцена, и онаа фаворизирана на лично ниво. Јас искрено се надевам дека се можни интервенции и промена, а дали тоа ќе се случи ќе сведочиме подоцна.

Според мене, најлошто сценарио е да се дозволи вака креираната политика „одозгора – надолу“ да ја креира всушност историјата на современиот танц. Тогаш, многу од заложбите направени од одредени актери и уметници на сцената ќе бидат заборавени.

Мојата заложба е во овој текст да архивирам и нечие постоење, делување и влијание во одредено време во Македонија, а и да пробам да укажам дека доминантната политика „одозгора-надолу“ која ја креира естаблишментот не е историјата на современиот танц во Македонија.

Напротив, историјата на современиот танц во Македонија (треба да) се креира денес, (да) се пишува овде, сега и од нас - оние кои се дел од сцената.

Соња Здравкова-Џепароска: Значајно е да се одбележи дека и покрај констатираните недостатоци и недоследности, во изминатиот период Министерството за образование (забелешката повеќе упатува кон Министерството за образование и Бирото за развој на образованието отколку кон Министеството за култура) успеа да ги поврзе сите алки кои се значајни во развојот на модерниот и современиот танц. Отворање на насока за модерен балет во склоп на балетскиот оддел при ДМБУЦ „Илија Николовски - Луј“, отворање на Катедра за балетска педагогија и современ танц на ФМУ, на најстариот и воедно најзначајниот државен универзитет, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, како и можноста за едукација на Катедрата за современ танц (Skopje Dance Academy) на Факултетот за применета музика во рамките на приватниот Универзитет за аудиовизуелни уметности - Европска филмска академија ЕСРА Париз-Скопје-Њујорк. Сето ова говори за едно, можеби, не толку видливо, но стратешко градење, барем во делот на едукацијата на цврст и вертикално поврзан блок, кој на подолг рок треба да даде разултати во делот на танцовата продукција и создавањето на здрава, енергична и ризомска во стилско-естетско-концепциска смисла сцена.

И некаков крај на почетокот на конструирањето историја на современата танцова сцена во Македонија...

Биљана Тануровска-Ќулавковски: Денес, во 2012 година, во Македонија веќе го употребуваме терминот „сцена“ за да го објасниме постоењето на сите форми вон оној институционалниот мејнстрим. Овој термин е достапен термин, кој денес сè повеќе се користи и може да ги опфати хетеродоксните форми во дискурзивна смисла, како што вели Паскал Гилен.[12] Тој ја објаснува сцената како социјална организација која продуцира социјална кохезија и заеднички идентитет кој е непознат за социјални категории како професионални групи, на пример. Релациите на сцената се релативно слободни од обврски, но не и без правила и протоколи. Секоја сцена (независна, современа визуелна, современа танцова, итн.) содржи свој социјален код и одредени правила, кои не се ригидни или специфични како кај одредени субкултури. Сцената е просторот каде формалното и неформалното се вкрстуваат. Сцената е простор каде се промовираат и подржуваат општествени услови кои овозможуваат размена на идеи, соработка, колегијалност, солидарност, поддршка, заедништво...

Во овој контекст, денес македонската современа танцова уметничка сцена ја сочинуваат сите оние кои, пред сè, се гледаат себеси во оваа формулација и кои се чинители во развојот на истата. Сите останати се дел од нешто друго, кое не знаеме и не можеме да го формулираме во овој момент. А и оваа претпоставка или исчитување, дури и можно класифицирање, дали е точно, ќе сведочиме подоцна. Некој друг, во некој друг момент, кога ќе конструира историја може да посочи поинакво читање на сцената, а и со тоа да ја реформулира историјата и фактите за постоењето и развојот на истата.

Соња Здравкова-Џепароска: Додека 20. век се карактеризираше како век на „изми“, 21. век веројатно преоѓа во сферата на индивидуални, па можеме да кажеме, уникатни, креативни, појавни и легитимирачки продукти. Јас би била мошне претпазлива и во однос на стилско-формативната класификација, и особено во однос на валоризацијата на одредени линии на развој. Потребна е временска дистанца и особено одреден применлив, валиден систем на анализа. Во овој момент се забележуваат повеќе типови на кореографска активност во Македонија која носи сопствен печат, често условен од форматот на организација во која делува, структурата која го управува и притоа остваруваат понекогаш поцврста или полабава корелација со социјалниот[13] код што се одразува и на финалниот уметнички производ.

БИБЛИОГРАФИЈА

Белтинг Ханс. 1997. „Крајот на историјата на уметноста“. Скопје: Култура

Фукојама Френсис. 1994. „Крајот на историјата и последниот човек“. Скопје: Култура

Gielen Pascal, The Murmuring of the Artistic Multitude, Global Art, Memory and Post-Fordisam, Antenae Valiz, Amsterdam, 2009

Лужина Јелена. 1996. „Македонска нова драма“, Скопје: Детска радост

Lyotard J. F. 1990. Postmoderna protumacena djeci, Zagreb: AC

Magazinović Maga. 2000. Moj Život. Jelena Šantić (priredila) Beograd: CLIO

Opetcheska Tatarchevska Ivona. 2009. Dance, Culture and Identity: The Folk Dance Scene in the Republic of Macedonia between 1975 and 2005, The Echo of the Nation, Templum, pp.52-75

Здравкова Џепароска Соња. 2005. „Мултимедијални танцови жанри“Г. Старделов, Ј. Лужина, И. Џепароски (уредувачки одбор) во „Театарот на почвата на Македонија ХХ век“: 335-365. Скопје: МАНУ

Здравкова Џепароска Соња. 2005. „Формирање и развој на современиот танцов театар“ Г. Старделов, Ј. Лужина, И. Џепароски (уредувачки одбор) во „Театарот на почвата на Македонија ХХ век“: 366-375. Скопје: МАНУ

Вујановиќ Ана, „Тигров скок: Метода на reloading на историјата на локалните уметнички сцени“, 2012 www.lokomotiva.org.mk

 


[1] www.nomaddanceacademy.org

[2] Искра Шукарова по завршувањето на својата специјализација во Франција и постдипломските студии во Велика Британија своите знаења ги пласираше на домашна сцена каде што активно продолжува да работи.

[3] Игор Киров и Елизабета Гриовска дипломираа на Rotterdam Dance Academy, Холандија во 1998 и 1999 год. Маријана Савовска и Александра Кочовска високото образование во делот на танцовата уметност го добија на SEAD, Австрија во 2004 и 2006 год.

[4] Игор Киров ја постави претставата „Помеѓу овде и сега“ во МОБ во 2006 год., тој е повремено ангажиран и води работилници и семинари во ДМБУЦ „Илија Николовски - Луј“ и Академијата ЕСРА. Маријана Савовска беше поканета да учествува на Балканската Танцова Платформа во 2005 год. и во рамки на првото издание на фестивалот „ЛокоМоушн“ во 2008 год., обете во организација на Локомотива. Савовска беше дел од конференцијата „Како да се уредат нештата со околностите“, одржана 2012 год. во организација на Локомотива од Скопје и Пер Артс од Нови Сад.

[5] Неколку примери: Искра Шукарова, има над 30 гостувања, како и учества во интернационални проекти: Dance Theatre Workshop (Њујорк, САД), Dublin Balkan Dance Festival (Ирска), Balkan Dance Platform, (Атина, Грција), International Dance Festival (Сиена, Италија), Zvrk Dance Festival (Сараево, Босна и Херцеговина), Gibanica Dance Festival (Љубљана, Словенија), Tumulus Project (Виена, Австрија), Jozef Nadj Centar Tumulus Project (Кањижа, Војводина), Micadanse Tumulus Project (Париз, Франција), Travers Festival (Орлеан, Франција), Tjedan Suvremenog Plesa (Загреб, Хрватска), IDANS Festival (Истанбул, Турција), Mes Des Danza Festival (Севиља, Шпанија), ANTISTATIC FESTIVAL (Софија, Бугарија), NDA Festival (Њујорк, САД), итн.; Кире Миладиноски изведувал свои кореографии на Dance Meeting - интернационален фестивал за совремн танц (Албанија), Вечер на македонската современа сцена во Црвена Куќа (Бугарија), фестивал Перфорации (Хрватска), фестивал Mes de Danza - интернационален фестивал за современ танц (Шпанија), Балканска Танц Платформа (Грција), итн. како и негови кореографии во рамки на театарски претстави: „Антица“ изведувана на Euro Scene - фестивал за современ европски театар во Лајпциг, Германија, на фестивалот Еуроказ во Хрватска, итн.; Драгана Заревска изведувала за танц претстави на кореографите Изабел Шад (Германија), Ана Кох (Шведска) и Ребека Шентинел (Шведска), настапувајќи на сцените на Dansens Hus (Стокхолм), Norrlands Operan (Умеа), Музејот на современа уметност (Стокхолм), MU Theater (Будимпешта) и други. Работела како уметник-резидент во SITE – Production Centre for Performing Arts (Стокхолм), во Trafό (Будимпешта), и итн.

[6] Само во последната сезона 2011/12 бележиме серија настапи. Претставата „Врати“ на Олга Панго беше дел од фестивалот во Трабзон, Турција. Истовремено, Саша Ефтимова учествуваше на Интернационалниот кореографски натпревар „Сергеј Дјаѓиљев“ во Лоѓ, Полска каде што доби Гран При. Таа со дел од балетскиот ансамбл на МОБ учествуваше на гала концертот по повод Меѓународниот ден на танцот во Магдебург, Германија со своја кореографија. Ефтимова ја креираше минијатурата „Прашина“ која што беше дел од Меѓународниот балетски натпревар „Мија Чорак-Славенска“ во Загреб, Хрватска.

[7] Копродукција на Искра Шукарова со Дејан Сухој од Словенија која оствари серија настапи на интернационалната сцена; Кире Миладиноски со претставата Seat, Drink, Talk реализираше копродукција со Фичо Балет од Словенија во 2008, Искра Шукарова со Урсула Игли од САД настапија со „Полињата на Ида“ во 2010; Рисима Рисимкин во рамки на Танцфест направи копродукција со ТКО театарот од Германија со претставата „Човек во ходникот“ поставена во 2012, итн.

[8] Lyotard J. F. 1990. Postmoderna protumacena djeci, Zagreb: AC.

[9] http://www.kultura.gov.mk/index.php/odnosi-so-javnost/soopstenija/544-poddrska-na-nezavisnata-tancova-scena на 17.07.2012

[10] Повеќе за ова во извештајот од конференцијата „Како да се уредат нештата со околностите“, одржана на 16 Јуни 2012 во МКЦ, Скопје. Извештајот е достапен на www.lokomotiva.org.mk .

[11] Погледај извештај од конференцијата „Како да се уредат нештата со околностите“ на веб страницата www.lokomotiva.org,mk .

[12] Pascal Gielen, The Murmuring of the Artistic Multitude, Global Art, Memory and Post-Fordisam, Antenae Valiz, Amsterdam, 2009, 50-52 p.

[13] Социјалниот код во современи услови ги впива во себе сите типови на влијанија: економски, политички, национални, филозофски, естетски, итн.

PRETHODNI BROJ: MEDIANTROP BROJ 12