Mediantrop

object349757056

Mediantrop broj 13

Ivanka Apostolova - Intervju so Zvezda Angelovska

'Современиот театар не подразбира зона на комфор'

Ivanka ApostolovaIvanka ApostolovaЗвезда Ангеловска е македонска актерка и режисер, вработена во МНТ Скопје. Таа е авторка и промотер на македонската порака по повод Светскиот ден на театарот – 27 март, 2014. Во нејзина режија, на македонските театарски репертоари поставени се следниве театарски претстави: Сребрена свадба, МНТ Скопје; Крал Лир, МНТ Велес; Вишновата градина, МНТ Битола; Хеда Габлер, МНТ Битола и др. Како актерка таа глуми во неколку актуелни претстави на сцената на МНТ Скопје: Изгубени германци во режија на Слободан Унковски, Електра во режија на Андреј Жолдак и др.

Во својата порака таа вели ''Патот до Театарот е напрво да тргнеш, да тргнеш сам со Себе, без Никој, без Ништо, да тргнеш и да ја бараш Вистината...'' оттука мотивот за интервју со уметник од нејзиниот сензибилитет, ранг и калибар.

ИВАНКА: Драга Звезда, кога би можела, што е тоа што би го подобрила, можеби и променила во современиот македонски театар? Како некогаш работевте, а како сега/денес се работи во македонските театри?

Zvezda Angelovska Foto: Dorijan MilovanovićZvezda Angelovska Foto: Dorijan MilovanovićЗВЕЗДА: Секое време си носи свој белег кој се рефлектира и во театарот, така што минатото време, сегашноста и иднината, секако дека се разликуваат или ќе се разликуваат. Сами по себе, некои промени во современиот македонски театар се веќе случени, не само со појавата на нови генерации на театарски уметници, туку и од технолошкиот аспект, значи промени кои се веќе одамна усвоени а се според светските театарски стандарди и тенденции. Тоа подразбира висок степен на едукација во сите сегменти кои го сочинуваат тој техничко-технолошки аспект на театарот, најважната театарска логистика, маркетингот со стратешки успешен концепт на самиот театарски репертоар, било да се работи за град, држава итн. Со ова, директно или индиректно сакам да кажам дека уште многу треба да се работи (да работиме) на подобрување на степенот на едукација и само така би се случувале успешни промени, потоа да се увиди како истата се применува во практиката и какви резултати има.

Ова подеднакво важи за сите театарски уметници, изведувачи или автори, надградбата и самоусовршувањето е неопходна појава, бидејќи ниту времето во кое живееме, а најмалку пак современиот театар, не подразбираат зона на комфор, а во најлош случај, стагнација.

Има еден феномен што ме фасцинира: секогаш успешните театарски уметници, било да се работи за порано или денес, сеуште работат исто. А тоа подразбира креативност, почит, самопочит, дисциплина и одговорност. За неприкосновената желба и љубов, не е потребно дури и да се говори.

ИВАНКА: За тебе лично, што значи и претставува, овозможува, надополнува или одзема, како занатски така и уметнички – глумата во театар наспроти глумата на филм и ТВ?

ЗВЕЗДА: Театарот и филмот се различни, иако понекогаш може и да се допрат, да имаат заедничка точка, но тоа е најчесто како специфичен случај. Јас лично, го сакам филмот многу, можеби и повеќе од театарот. Играта пред камера не трпи лага или лажна емоција, без разлика каков е процесот на снимањето на филмот. Камерата е таа што ја сакате и ако е така, и таа ќе ве сака вас, се разбира доколку сте актер за филм, бидејќи многу често одлични театарски актери, едноставно не се за тој медиум; веројатно пресудна е фотогеничност и многу други х-фактори. Во мојот случај, играта на филм само ме надополнува и кога ми се случува тоа, имам одличен предизвик и сатисфакција. Си посакувам себе си улоги на филм, интересни за мене, имам доволно храброст, самодоверба и искуство за да дадам уште повеќе од мене на тоа поле. Се надевам тоа ќе се случи и тоа многу наскоро.

ИВАНКА: Помеѓу твоите две професии на актерка и режисерка, дали постои контрадикторност на конфликт, синергија, надополнување ... поточно како се координираш и поставуваш себеси во професионалниот простор како актер, режисер и каде си ти во меѓупросторот помеѓу режијата и глумата? Додека ти како актерка, со кои режисери најмногу сакаш да соработуваш и како тие делуваат на тебе, кој од нив најмногу те инспирира и мотивира?

ЗВЕЗДА: Во секој поединечен случај е различно, но пресуден фактор е интуицијата. За да поставите некаков текст, треба да имате силен порив, да го кажете тоа, просто да го извадите, најдлабокото од себе си, несвесното и свесното можеби. Авторот на текстот и режисерскиот концепт во најдобар случај треба да одат рака под рака, но тоа не значи слепо да се придржуваат, без меѓусебно искрено разбирање, значи внатре длабоко-интимно да се разбираат, кои се нивните пораки.

Моментот на препознавање на авторот и неговото дело, со визуелните соработници, како и со актерите е најбитен фактор. Идеите се споделуваат, но само со екипа со која имате заеднички јазик, а доколку сте немале, останува барем да се / да сте отворени за соработка со нешто сосема ново, од кое и вие ќе научите. Секој од некого учи, се надоврзува или го надоврзува она претходното. Тоа е еден процес, каде режисерот треба да ја потикне главната магија, а актерите најмногу сакам кога сакаат да си играт со магијата, да веруваат па дури и во неможното, но и цврсто да стојат на земјата и интелигентно и со мерка да ги градат ликовите. Обожувам актери кои имаат своја тајна, тие постојано ме предизвикуваат да ги гледам/ме.

Актерот и режијата се поврзани по значење, но сосема се различни во моментот на создавањето на една театарска претстава. Јас започнав како актер и сеуште сум активна на сцена, а работам и како режисер. Во мојот случај, не е проблемот во координацијата меѓу овие две професии, туку менталниот предизвик и задача, кој зависи најмногу од проектот во кој работам. Морам да признаам дека како актерка ми се предизвик оние улоги, кои се комплексни и бараат голем ангажман, одговарајќи на мојот актерски потенцијал и сензибилитет и веројатно така размислуваат и повеќето актери, одлично искуство е; доколку не се случи тоа тогаш се појавува таа контрадикторност, предизвикана од несоодветен процес за мене, па сето тоа може да ме исцрпи енергетски и да има последици и во проектите каде работам како режисер. Во последните 10 години или играм или режирам, т.е. не играм во претстава каде се потпишувам како режисер. Како ќе биде понатаму не знам, времето ќе покаже. Се додека имам нешто да кажам како актер или режисер, ќе го работам тоа, доколку немам, ја имам среќата со мојот личен карактер, да не се појавувам онаму каде што не можам да бидам доволно добра или доволно подготвена за тоа.

ИВАНКА: Следејќи ги твоите режисерски претстави, ме интересира како му пристапуваш на текстот кој го обработуваш, како го развиваш својот режисерски концепт, како им пристапуваш на актерите и што им нудиш и што се' очекуваш од нив; како и за твојата соработка со визуелните сценски соработници (звук, светло дизајнери, костимографи и сценографи) за да сите заедно ја постигнете онаа препознатлива волшебна атмосфера на интимност, ескапизам во времето на сензибилитетот од минатото во уметноста на театарот на Чехов, Лорка, Шекспир, Ибзен и др. автори кои ги оживуваш режирајќи ги?

Zvezda Angelovska Foto: Dorijan MilovanovićZvezda Angelovska Foto: Dorijan MilovanovićЗВЕЗДА: Јас сум човек пред се', кој длабоко себе си се почитува, без разлика како го манифестирам тоа. Оттука произлегува дека ги почитувам максимално колегите-актери, а особено режисерите, не заради нивниот неопходен авторитет, туку со самото тоа што ме одбрале да бидам дел од нивниот магичен сон. Јас одлично знам дека меѓу режисерот и актерот треба да постои некаков флуид, заедничка мисла, перфектна комуникација, која не е обврзана приватно, таа мисла е професионална. Значи, сакам да соработувам со режисери кои ја имаат потполната доверба во мене како актер, каде имам слободен простор, но во рамките на нивната замисла, едноставно со оние кои знаат добро да го прочитаат мојот сензибилитет и потенцијал и на крајот на краиштата да го поседуваат она креативно лудило кое го носам со себе и јас. Бидејќи само така, можеме заедно да освојуваме разни светови преку театарот.

ИВАНКА: Со кои актери сакаш да соработуваш и како тие те мотивираат како партнери на сцената?

ЗВЕЗДА: Мислам дека актер или режисер кој не сака да соработува со неверојатно интелигентни актери, а притоа тие да се каризматични, да знаат како да ја користат и координираат сопствената енергија, како да располагаат со неа, т.е. да владеат со сцената, бидејќи енергијата кај актерот е битен елемент; но прашање е како таа се користи. Сакам да соработувам со актери, кои исто така имаат јасни ставови во однос на театарската естетика, без разлика какви се тие, значи да имаат отворен и јасен однос кон професијата. Мотивацијата треба да е взаемна, а тоа подразбира и режисерот да го мотивира актерот, но и обратно. Јас сум актер, така што знам низ какви фази минува емотивниот живот на актерот за време на градењето на некоја улога. Затоа актерот треба да е пред се' со стабилна психоструктура, освен физичката подготвеност, а тоа режисерот треба одлично да го знае и да умее да го употреби, но никако да го злоупотреби.

ИВАНКА: Како еден професионален театарски уметник се справува со професионалните кризи, постои ли формула?

ЗВЕЗДА: Доколку се случат професионални кризи и тие мора да вродат со плод. Секоја криза подразбира момент на мртва точка, но по неа се случуваат промени, а ако сакаме да бидат тие промени успешни, тогаш треба да се биде максимално искрен кон себе си, да се преиспиташ длабоко во себе и повторно да продолжиш по патот со чесен однос кон професијата. Инспирацијата треба да се поттикнува, а кај уметниците најмногу може да помогне љубопитноста и желбата да се научи и открие нешто ново или утре да се биде подобар од денес. Јас знам една многу едноставна формула: живеење на еден здрав живот во било која смисла. Здрав живот подразбира уживање во едноставните работи, но се разбира и на љубов и поддршка од семејството.

ИВАНКА: Колку ја следиш современата светска драматика / современите драмски автори и што ново посакуваш да режираш или одглумиш – поточно како ти лично би го проширила современиот театарски репертоар во Македонија?

ЗВЕЗДА: Јас морам да читам и следам што се случува во светската драматика, да ги следам новите драмски автори кои даваат нов белег во современиот театар. За современиот театарски репертоар во македонија, мора да постои погодна клима, но таа повторно се гради и зависи од заинтересираноста на самите театри, нивниот однос кон таквите претстави, заинтересираноста на самиот актерски ансамбл и колку тој во моментот е подготвен за новите форми, не само теоретски, туку тоа да се покаже практично во дело на сцена.

ИВАНКА: Кои се сличностите и разликите во театарските процеси, методи на работа, професионалност (менталитет, чувство за уметничка одговорност, услови за работа, однос кон професијата, безрезервна инвентивност и креативност) во работата и соработката помеѓу Македонија и Русија (каде што ги заврши своите постдипломски студии по режија)?

ЗВЕЗДА: Секоја земја и народ си имаат свој театар, ова не е моја мисла, туку е веќе позната изјава меѓу театарските луѓе. Русија и Македонија се две различни земји, најпрвин се неспоредливи по големина, географска положба, менталитет и слично. Сличности речиси и да нема, но ако се споредиме ние со Јапонија, секако дека повеќе имаме сличности со Русија, затоа што сме пред се' словенски народ.

Zvezda Angelovska Foto: Dorijan MilovanovićZvezda Angelovska Foto: Dorijan MilovanovićСловенската култура има заеднички корени, исто така и театарски. Податокот дека од Русија поттекнуваат методот на Станиславски, Данченко, Мееерхолд, доволно говори дека тие се пренесени и овде, и присутни се во основните методи и принципи во едукацијата кај актерите и режисерите. Иако морам да признаам, сведок сум дека методите пренесени овде сепак не се во нивната оригинална форма, а тоа значи дека е протолкуван за тука својствен начин, близок на нашето македонско поднебје. Како и да е, во Русија професионалноста е на многу високо ниво, долгата и зачувана традиција кај нив е очигледна. Односот кон актерите е исто така поинаков, но тука пред се' мислам на државата, иако знаеме дека животот на уметниците воопшто не е едноставен. Можеби најфасцинантно за мене е дека во нивниот менталитет постои еден неверојатен натпреварувачки дух, кој е истовремено нескротлив, достоинствен. Тоа е најголемиот адут кај нив.

ИВАНКА: За крај, следи неизбежното прашање – кои се твоите блиско-идни проекти за оваа театарска година и сезона 2014/2015?

ЗВЕЗДА: Проекти за во иднина има, едниот од нив е Мајка Храброст на Б. Брехт. Се надевам дека успешно ќе биде реализиран, а што се однесува за 2015 г., во преговори сум за соработка со странска продукција.

 

 

Интервјуирала: doc. dr. Ivanka Apostolova
 
Rakovoditel na Makedonskiot Centar na
'International Theater Institute', Скопје, 2014
 (Интервјуто не е лекторирано)