Mediantrop

object349757056

Mediantrop broj 13

Горан Тренчовски - Татковинската симболика во „Славно је за отаџбину мрети“ на Киш и „Татко“ на Чинго

Горан ТренчовскиГоран ТренчовскиТатковинството во прозите „Нова Пасквелија" на Живко Чинго (1935-1987) и „Енциклопедија на мртвите" на Данило Киш (1935-1989) е вредносно изедначено со песимизмот или оптимизмот. Покрај тоа што љубовта и смртта се заеднички тематски именители на овие две исклучителни збирки раскази, трагичната фарсичност е нивна главна одлика, во поглед на жанровската определба. Ако ги бараме влијанијата или сличностите при користењето на нивните симболики, тогаш расказите на првиот потсетуваат на Бабељ, Пилњак или Брет Харт, а на вториот на Кафка, Борхес и Шулц. Конкретно, расказите „Славно е да се умре за татковината" („Славно је за отаџбину мрети") на Киш и „Татко" на Чинго длабински се занимаваат со смртта на поединецот во Југоисточна Европа и тие живописно ни предочуваат одредени искушенија на човековата немоќ. Притоа мигот на искушението како да го претставува целиот живот на главниот лик. Кај овие два расказа, во значителна мера е забележливо намерното отсуство на раскажувачкото „сезнаење" на авторот/нараторот. Затоа, смртта за авторот, кој е воедно и ненаметлив раскажувач на приказната „не значи едноставно поништување на индивидуалноста, туку проширување на стандардните раскажувачки рамки..."1

Самиот Чинго пишува за „тате", како за сосем реален човек. "Не биди зависен од никого, бори се, работај како ѕвер, за да живееш како човек", го цитира татка си. "Ништо не претпочитуваше пред работата, таа за него беше сè, и Бог и Свети Бог. Кога работеше – работеше, кога седнуваше – се знаеше дека не ќе стане лесно, сè правеше доследно на себе. Мразеше да си придава нешто што не го заслужил, не почитуваше такви луѓе, немаше со нив добро утро."2 Кај Киш ситуацијата е малку поинаква. „Неговите личности се елементарни, блиски до природата, до земјата..."3 Тој пак, се заложува „...да се пишува во полза на народот."4 Станува збор за една интерактивна рецепцијана неговите дела од страна на читателскиот публикум. „Тоа својство на вечно навраќање и кружење меѓу писмото и светот, во списите на Киш, има свое закономерно поаѓалиште, содржано во длабоката фасцинираност на авторот од бизарната, веќе очудена и книжевна подлога на животот, на стварноста и искуствената реалност."5

Татковинската симболика во „Славно е да се умре за татковината" и „Татко" може најдобро да се согледа низ антиподите, аналогиите и интермедијалните можности кои ги пружаат овие две ремек-дела на прозата од XX-тиот век. 

 

Антиподи

 

Danilo KišDanilo Kiš                              Živko ČingoŽivko Čingo

 

МЛАДИОТ ЕСТЕРХАЗИ – СТАРИОТ ЛУКАНСКИ

Киш  Чинго
 Тоа априлско утро – а тоа беше денот определен со царски декрет за негово погубување – кога стражарите влегоа во ќелијата, младиот Естерхази клечеше на подот, со рацете цврсто стегнати за молитва.6 Стариот Лукански не изгледаше многу воодушевен од првата општонародна веселба. 

 

Главниот лик Естерхази на Киш е млад, а Лукански на Чинго е стар. Симболот на природата, обновувањето, партијархалноста, се всушност „судирот помеѓу новото и старото".7 Молитвата и веселбата тука го олицетворуваат начинот на посакуваното манифестирање во младоста и староста. Младиот се моли за да достигне длабока старост, а стариот се весели, потсетувајќи се на народните празници.

 

ПРОШТЕВАЊЕ  КАЗНУВАЊЕ

 Киш  Чинго

 „Амин", прошепоти момчето, завршувајќи ја сојата утринска молитва. А потоа гласно додаде: „Простете ми, оче."

 Господ, тој семоќниот, те казни тебе татко...

 

Ако синот Естерхази барал прочка од отецот пред бесењето, од друга страна, дознаваме дека таткото Лукански е казнет според божјите правила. Киш прави свесен „...обид да во ефемеридата на човечкиот живот се пронајде некоја смисла..."8, а Чинго се повикува на казната на Севишниот.

 

МАЈКА  ТАТКО

 Киш  Чинго
 ...Сето тоа беше само добро смислена режија, чиишто конци во своите раце ги држеше една горда мајка.

 Веќе таткото не мислеше на својот син, веќе на ништо не мислеше чиниш се е веќе заборавено, се одродиле, се изгубиле засекогаш како да не биле татко и син, една крв.

 

Мајчинството е претставено како фрустрација во едиповска смисла наспроти патријархалниот мотив за приврзаноста кон таткото/родителот/старателот/. Мошне интересно е дека во своите автопоетички белешки, Киш пишува за извесна „морална дилема на партизанскиот комесар"9 , што може едновремено да се примени и за расказот на Чинго. Во двата примера, со ладната и строга женска фигура (кај Киш -мајката, а кај Чинго - снаата Ирина) се случува коинцидентно поништување на татковството.

 

ДЕТАЛИЗАЦИЈА – МУЛТИПЛИКАЦИЈА

 Киш  Чинго
 ...Бројаницата со зрна крупни како маслинка нечујно се нишаше.  Од една мајка правеше две мајки.

 

Во ваквиот вид на проза, се гледа „универзална единственост на деталот на еден живот"10. Апсурдниот микрокосмос на лични и природни предмети е очигледен кај Киш, а удвојувањето на (с)родните појави е забележлива постапка кај Чинго. Всушност, во двата случаја станува збор за „постапка на монтажата на родословот"11.

 

Аналогии

 

СЛАВЕЊЕ НА ТАТКОВИНСКИОТ УНИВЕРЗУМ

Киш  Чинго
 Времето застана. Минатото, сегашноста и иднината беа измешани, тапаните тропаа...  Тешки камења летаа во воздухот.

 

Во воздигнувањето на татковинскиот универзум, т.е. вселената на родното огниште, „Данило Киш е писател без надеж во победата над злото"12, додека Чинго со далекусежната симболика настојува да го опише „проблесокот на спомените од детството"13.

 

 СВЕСТ ЗА ПОТОМСТВОТО

 Киш  Чинго
 ...Ја калеше својата машкост со семејните легенди.  ...Каде е моето сине...

 

Киш во своите раскажувачки констатации за евентуалното потомство е „...дијалогичен, антиномичен, несводлив, во рамките само на едно духовно или поетичко определување, анархичен, вознемирувачки..."14 За разлика од него, Чинго, како примерен син, имал можност од устата на татко му кој во месноста важел за еден од најдобрите раскажувачи и пејачи, да чуе огромен број приказни, и секакви кажувања за „животиштето"15... Во сличен контекст, Димитар Митрев вели дека „...Чинго е уште еден од мнозинскиот број на некогашните народни раскажувачи."16

 

СООЧУВАЊЕ СО ФАМИЛИЈАРНИОТ РАСПАД

 Киш  Чинго
 Пресудата беше строга и безмилосна: смрт со бесење.  А за сето тоа време не еден ден, не една ноќ, стариот Лукански немаше во себе сон мислејќи за синот.

 

Двата расказа наведуваат на соочување со фамилијарниот распад, што е на некој начин разединување на клетката од социјално-општествената средина. Кај нив смртта е последната точка до која може метафизички да се стигне. Киш се стреми „на што посеопфатен начин да се опишат нејзините застранувања кои водат кон морален распад, смрт како краен настан, како точка зад која нема ништо и која, колку и да ни се чини племенита или целисходна, таа зад себе не остава ништо повредно од болот кој го носи со себе."17 Чинговите алузии се исто така колоритно грозоморни, со црнохуморно бранување, речиси апокалиптични.

 

СМРТТА ОД АСПЕКТ НА РАСКАЖУВАЧОТ

 Киш  Чинго
 Историјата ја пишуваат победниците. Преданијата ги ткае народот. Писателите фантазираат. Извесна е само смртта.18  ...Ти не си никаков човек, ти не си никаков татко... Ти си го уби својот син, ти, проклет старец, немаш никаква душа, ѕвер си, куче... А и целиот живот ти беше таков, скотски...

 

Описите на смртта од агол на раскажувачот се убедлив дел од животната стварност или „стварносна проза"19... Воопшто „'смртта' или проблемот на авторот не треба да се согледува само глобално, во општите црти, туку и во композициската структура, на нивото на сменување на точките на гледање, во односот наратор – автор."20 Хипотетички правејќи вивисекција на стадиумот на смртта во расказот на Киш, можеме да дојдеме до ироничниот одговор на прашањето: „Што останува од човека по неговата смрт?"21 Во таа смисла, од својот раскажувачки аспект, Чинго „...го воведе човекот нити само добар нити само лош и ни го прикажа конкретно, со неговото дејствување исполнето со страстите на неговите определувања и мотивации."22

 

Интермедијални можности

 

ТЕАТРАЛНОСТ / ФИЛМИЧНОСТ

 Киш
Чинго 
 Театарската претстава „Esterházy" во режија на Иштван Лалиќ, Народен театар Népszínház – Суботица. Премиера на 27 јули 1991 год. на Палиќ.23  Филмот „Колнати сме, Ирина" („Татко") во режија на Коле Ангеловски, Филмско студио - Скопје. Произведен во 1973 год. во времетраење од 84 минути.

 

Расказите на Киш и Чинго се мошне податливи за сценско и интермедијално раслојување. Тие можат мошне лесно да се драматизираат или преточат во филмско сценарио. Потврда за тоа се успешните дела од театарското/филмското творештво: драмската претстава „Esterházy" и играниот филм „Колнати сме, Ирина" („Татко"). 

* * *

 

'Enciklopedija mrtvih' - Danilo Kiš'Enciklopedija mrtvih' - Danilo KišСамиот Киш за „Славно е да се умре за татковината" вели дека „е слободна преработка на една подоцнежна граѓанска легенда, која била омилен прилог во историските читанки и често варирана..."24 Наспроти него, Чинговиот расказ „Татко" е „...химна на таа најдофатливо оживотворена поезија, химна на љубовниот нагон што грее со својата безобѕирност и го фрла носителот на остварениот грев во екстазата на најчистата благодарност..."25

„Естетското создавање на Киш подразбира очудување на сите рамништа (граматичко и семантичко), а сотоа и постојано нови преведувачки предизвици/исчитувања/интерпретации."26 Говорот на Чинго е говор на раскажувач кој не се научува, тој се доживува, генерирајќи слики и прозаистични чинови додека се читаат редовите на неговите раскази.

Ukleti smo, Irina. (Tatko)Ukleti smo, Irina. (Tatko)Најпосле, се поставува прашањето: за која татковина, за кое родословно татковство се борат јунаците на Киш и Чинго? Дали тоа се утописките предели на Мртвите и на Пасквелија?! Одговорот може и не мора да биде најден во сегашно време. Тајната на нивното визионерство и скриените пораки се токму во соочувањето со еден вид тежнеење, гравитација кон татковината без граници и номенклатури. Според ова исходиште, соочувањето со ништожноста е главната заедничка одлика на „Славно е да се умре за татковината" и „Татко".

Татковинската симболика којашто концентрично провејува во овие раскази ги потврдува вонсериските книжевни квалитети на Данило Киш и Живко Чинго.

 


Данило Коцевски, „Смртта на авторот во прозата на ДанилоКиш" во: МОДЕРНО И ПОСТМОДЕРНО, Македонска книга, Скопје, 1993, стр. 249.

Живко Чинго, „Корените на Пасквелија" во: Македонското современо литературно творештво, Просветнодело, Скопје, 1972, стр. 119.

3 Влада Урошевиќ, „Време на големите промени" во: МРЕЖА ЗА НЕУЛОВЛИВОТО, Македонска книга, Скопје, 1980, стр. 158.

4 Danilo Kiš, „Za pluralizam", in: HOMO POETICUS, Prosveta, Beograd, 2006, стр. 78.

5 Елизабета Шелева, „Писмо и ризик" во: КУЛТУРОЛОШКИ ЕСЕИ, Магор, Скопје, 2000, стр. 248.

Цитатите во курзив се пасуси земени од расказите „Славно е да се умре за татковината" на Киш и „Татко" на Чинго од изданијата наведени во консултираната литература.

7 Јасмина Гушева-Мојсиева, „Наративните симболи во поетиката на Живко Чинго", во: Зборник радова – Његошеви дани, VI/2008, бр. 1, Никшиќ, стр. 260.

8 Киш, исто, стр. 81.

9 Киш, исто.

10 Александар Хемон, „Чији је писац Данило Киш" во: Сарајевске свеске, бр. 8-9, Сарајево, 2005, стр. 9.

11 Петар Пијановић, ПРОЗА ДАНИЛА КИША, Јединство/Дечје новине/Октоих, Приштина-Горњи Милановац-Подгорица, 1992стр.211.

12 Невена Варница, „Данило Киш у четири виђења" in: Зборник Матице српске, XLVIII/2-3, НовиСад, 2000, стр. 601.

13 Слободан Мицковиќ, „Живко Чинго или говор што не се научува" во: ТОЛКУВАЊА, Мисла, Скопје, 1973, стр. 39.

14 Шелева, исто, стр. 249.

15 Спореди: Мицковиќ, стр. 38.

16 Димитар Митрев, КРИТИКИ И ОГЛЕДИ, Мисла, Скопје, 1969, стр. 105.

17 Давор Бегановић, „О културалном памћењу у дјелу Данила Киша" во: Зборник Матице српске, бр. LIV/2, Нови Сад, 2006, стр. 196.

18 Еве уште една македонска верзија на овој расказ од Киш, во превод на Ирена Кепеска, е-извор: http://okno.mk/node/7193

19 Сторијата за младиот Естерхази и неговото драматично исчекување на смртта ја има инкорпорирано во својот роман современиот унгарски писател и Кишов познаник – Петер Естерхази („Harmonia Caelestis", 2000). Во врска со ова, види: Сава Бабић, „Славно је за отаџбину мрети: Данило Киш и Петер Естерхази" во: Летопис Матице српске, мај 2005/год. 181, књ. 475, св.5, Нови сад, стр.742-752.

20 Коцевски, исто, стр. 245.

21 Види: Тодорче Тасевски, „Полемичката цитатност како интертекстуален феномен: Киш vs Борхес" во: Мираж, бр. 2, Скопје, јуни 2002.

22 Петар Т. Бошковски, „Литература од светски ранг" во: ЕСЕИ И КРИТИКИ, Матица македонска, Скопје, 1997, стр. 127.

23 Покрај оваа, претставата „Rebellion" (во режија на Петар Поповиќ, премиерно изведенана 3 февруари 2010 год. во Домот на културата „Студентски град" - Белград) е современ пример на пост-модерно театарско транспонирање на овој расказ. Српскиот алтернативент еатар „Парнас" создава своевидна брутална кореодрама за еволуцијата на бунтот.

24 Данило Киш, ЕНЦИКЛОПЕДИЈА НА МРТВИТЕ, превод Ацо Пероски, Три, Скопје, 2010, стр. 193.

25 Димитар Митрев, „Случајот Чинго" во: ОГЛЕДИ И КРИТИКИ (кн. 3), Наша книга, Скопје, 1970, стр. 280.

26 Виолета Пирузе-Тасевска, „Ново читање на Кишовата 'Гробница'", Утрински весник, бр. 1813, 16 октомври, 2006, Скопје, е-извор: http://star.utrinski.com.mk/?pBroj=1813&stID=38717&pR=5


 

Консултирана литература

  • Давор Бегановић, „О културалном памћењу у дјелу Данила Киша" во: Зборник Матице српске, бр. LIV/2, Нови Сад, 2006, 187-200 стр.
  • Петар Т. Бошковски, „Литература од светски ранг" во: ЕСЕИ И КРИТИКИ, Матица македонска, Скопје, 1997, 125-128 стр.
  • Невена Варница, „Данило Киш у четири виђења" in: Зборник Матице српске, XLVIII/2-3, Нови Сад, 2000, 599-604 стр.
  • Јасмина Гушева-Мојсиева, „Наративните симболи во поетиката на Живко Чинго", во: Зборник радова- Његошеви дани, VI/2008, бр. 1, Никшиќ, 259-266 стр.
  • Danilo Kiš, „Za pluralizam", in: HOMO POETICUS, Prosveta, Beograd, 2006, 77-86 str.
  • Данило Киш, „Славно је за отаџбину мрети" во: ЕНЦИКЛОПЕДИЈА МРТВИХ, Књига-комерц, Београд, 1997, 109-113 стр.
  • Данило Киш, ЕНЦИКЛОПЕДИЈА НА МРТВИТЕ, превод Ацо Пероски, Три, Скопје, 2010.
  • Данило Коцевски, „Смртта на авторот во прозата на Данило Киш" во МОДЕРНО И ПОСТМОДЕРНО, Македонска книга, Скопје, 1993, 239-250 стр.
  • Димитар Митрев, КРИТИКИ И ОГЛЕДИ, Мисла, Скопје, 1969.
  • Димитар Митрев, „Случајот Чинго" во: ОГЛЕДИ И КРИТИКИ (кн. 3), Наша книга, Скопје, 1970.
  • Слободан Мицковиќ,„Живко Чинго или говор што не се научува"во: ТОЛКУВАЊА, Мисла, Скопје, 1973, 35-49 стр.
  • Петар Пијановић, ПРОЗА ДАНИЛА КИША, Јединство/Дечје новине/Октоих, Приштина-Горњи Милановац-Подгорица, 1992.
  • Виолета Пирузе-Тасевска, „Ново читање на Кишовата 'Гробница'", Утрински весник, бр. 1813, 16 октомври, 2006, Скопје.
  • СУМ: Списание за уметност (број посветен на Живко Чинго), 1994/1, Штип.
  • Тодорче Тасевски, „Полемичката цитатност како интертекстуален феномен: Киш vs Борхес" во: Мираж, бр. 2, Скопје, јуни 2002, е-извор: http://www.mirage.com.mk/tekst.asp?lang=mac&tekst=26
  • Влада Урошевиќ, „Време на големите промени" во: МРЕЖА ЗА НЕУЛОВЛИВОТО, Македонска книга, Скопје, 1980, 149-159 стр.
  • Александар Хемон, „Чији је писац Данило Киш" во: Сарајевске свеске, бр. 8-9, Сарајево, 2005, 9-11 стр.
  • Живко Чинго, „Корените на Пасквелија"во: Македонското современо литературно творештво, Просветно дело, Скопје, 1972, 116-119 стр.
  • Живко Чинго, „Татко" во: ПАСКВЕЛИЈА, НОВА ПАСКВЕЛИЈА И ВЉУБЕНИОТ ДУХ, Култура, Скопје, 1992, 245-254 стр.
  • Елизабета Шелева, „Писмо и ризик" во: КУЛТУРОЛОШКИ ЕСЕИ, Магор, Скопје, 2000, 241-251 стр.