Горан Тренчовски – За Мак на македонски

Горан Тренчовски:Горан Тренчовски:(Моите чудни средби со Душан Макавеев)

За приемниот испит задолжителна лектира ми беше „Монтажата на атракции“ на Ајзенштајн. Бидејќи беше реткост тоа издание да се најде во Струмица, актерот Кирил Здравески ми ја позајми за да ми служи како подготвително четиво. Се воодушевував, посебно на предговорот од книгата: „Ајзенштајн – црвено, златно, црно“. Автор на предговорот беше - Душан Макавеев. Во неговот петти став, Мак пишува: „...Револуцијата овозможи создавање на најубавите филмови кои можат да се замислат“...

*

Откако ме примија како единствен Македонец во последната југословенска класа по режија, се сеќавам, професорот Боро Драшковиќ, а потоа и професорот Радослав Лазиќ, настојчиво ни зборуваа за посебната естетика на Макавејев. Исто така и професорот Марко Бабац често пати ги цитираше монтажните постапки на Мак, низ илустративни ВХС-примери.

*

Како студенти љубопитно го гледавме „W. R. - Мистериите на организмот“ (1971). Се воодушевувавме на складот на сликите со музиката. Посебно на функцијата на песната на Булат Окуџава како поента во филмот. И за секвенцата со лизгалката...

Мистериите на организмот“ (1971)Мистериите на организмот“ (1971)

Освен редовната филмска програма на Трибината на младите во Нови Сад, последна утеха ни беше единствениот видео-плеер на Академијата, кој во слободното време на реверс го земавме на користење. Тоа беше вистинска можност едно попладне да го изгледаме и „Sweet movie“ (1973) на Мак. Тогаш голем впечаток ми оставија сцените на капење во шеќер и чоколадо...

И „Манифесто“ (1988) беше мошне актуелен во тој период. Посебно зашто во него играше Шербеџија, исто така во тоа време професор на нашата Академија. Филмот о гледав во една од последните ФЕСТ-ревии на Кино „Балкан“.

„Манифесто“ (1988)„Манифесто“ (1988)

*

Еден летен ден во 1990-та на една од последните сцени од снимањето на ТВ-филмот „Српски рулет“ (1991) на Пуриша Ѓорѓевиќ, во којшто учествував и јас, во Нови Сад, пристигна лично Мак. Беше љубезен, ненаметлив, претпоставувам дека му беше непријатно што се појавува среде туѓо снимање. Јас го играв филмскиот брат на Неџо Осман, се работеше за улоги кои се клучни во филмот: половина филм бев со бел костум, а останатата половина во ловџиски. Меѓу другото, имавме сцени и со Милена Дравиќ, Мира Ступица... Денот кога пристигна Мак на снимањето, бевме облечени како ловџии-стрелци. Гаѓавме во главниот јунак (го играше Михајло Плескоњиќ) кој требаше да се прпелка во инвалидската количка и да потоне во Дунав. Тука првпат се поздравив со Мак, всушност Пуриша ме запозна со него, претставувајќи ме како македонски студент по режија, студент на Боро. Претпоставувам дека една од причините Мак да го посети ова снимање биле подготовките за неговиот нов филм „Горилото се бања напладне“. Меѓу другото, тој сакаше да се види и со Светозар Цветковиќ...

*

Летото во 1992-та, со мојот пријател и колега, драматургот и сценарист Зоран Стефановиќ, преговаравме за евентуалното гостување на нашата претстава „Словенски Орфеј“ на БИТЕФ. Му ја покажавме видеоснимката на Јован Ќирилов, во домот на Ненад Прокиќ, а тој, незнаејќи што да ни каже за гостувањето, со оглед на културното ембарго коешто веќе постоеше за новите држави од екс-Југославија, што ја засегаше и Македонија, ни предложи: „Ај сега ќе одиме на Кошутњак на затворена проекција на новиот филм на Макавеев.“ По закуската во една белградска слаткарница, јас и Зоран отидовме таму. Кога стигнавме, Ќирилов не претстави на Мак, а јас се обидов да го потсетам на онаа средба на кејот на новосадскиот Дунав. Седнавме во салата, а таму беше и Цветковиќ, истиот кој учествуваше во „Рулетот“ на Пуриша. Филмот го изгледавме без здив. Тука Цвеле впечатливо ја толкуваше улогата на Лазуткин. Тоа беше една од последните работни верзии на „Горилото се капе напладне“ (1993). Звукот на кино-проекторот запре, светлата во салата се запалија, а Мак беше нетрпелив да ги чуе од нас впечатоците. Му честитав, со трема, и му посакав од тоа да испадне убава работа.

*

Времињата минуваа, а ние се заборававме, или некој намерно сакаше да се заборавиме... На самиот крај од 2010-та бев пријатно изненаден од веста дека Наградата за севкупно творештво од Здружението на филмските уметници на Србија ќе ја делат Боро Драшковиќ и Душан Макавеев.

*

И најпосле, за нешто од ланската година.

„Ми недостига Соња Хени“ (“I miss Sonie Henie”) е филмски омнибус од 1971 чиешто значење немаше да го откријам, да не дојдеше Карпо Година на деветтиот „Астерфест“ во 2013-та. Филмот покрај Макавеев, Пуриша и Карпо, го потпишуваат и Frederick Wiseman, Paul Morrissey, Buck Henry, Miloš Forman, Tinto Brass.

Па сега вие видете дали нештата, настаните и (с)личностите биле случајни.

Горан Тренчовски